Човек
Човек (множина: луѓе) — вид на животно кое систематски е познато како Homo sapiens (латински: свесен човек),[3][4] и е единствениот преживеан член на родот Homo од двоножните примати во Hominidae, семејството на големи човеколики мајмуни. Сепак, во некои случаи, зборот „човек“ се користи за означување на било кој член од родот Homo.
Луѓето имаат високо развиен мозок, способен за апстрактно мислење, јазик, интроспекција и решавање на проблеми. Овој умствен капацитет, заедно со исправениот став на телото кој ги ослободува рацете за раководење со предмети, им дозволил на луѓето многу поголема корист од алати во споредба со било кој друг вид. Доказите основани врз митохондриска ДНК и врз фосили покажуваат дека современите луѓе потекнуваат од Африка од пред околу 200.000 години.[5] Луѓето се космополитски вид, раширен на сите континенти на планетата, освен на Антарктикот. Од мај 2010, светската популација на луѓето се проценува дека изнесува околу 6,8 милијарди.[6] Во просек, човекот може да доживее 70-80 години, иако се забележуваат и случаи на старост поголема од 100 години. Најстариот човек за кого постојат веродостојни докази (со лична карта на којашто пишува дека е роден во 1870 година) е Мба Гото од Индонезија, кој во 2016 година го прославил својот 146. роднеден.[7]
Како и повеќето вистински мајмуни, луѓето се социјални суштества. Сепак, луѓето се уникатно прилагодени кон користење на системи за комуникација за самоизразување, размена на идеи и организација. Луѓето создаваат сложени општествени структури составени од многу соработувачки и натпреварувачки групи, од семејства до нации. Социјалната интеракција меѓу луѓето создала голем број на вредности, општествени норми и ритули кои заедно ја создаваат основата на човечкото општество.
Луѓето имаат изразена желба да ја разберат и да влијаат врз нивната околина и сакаат да ги објаснат и да раководат со природните појави преку наука, филозофија, митологија и религија. Оваа природна љубопитност довела до развивање на напредни алатки и вештини кои културолошки се пренесуваат низ генерациите; човекот е единствениот познат животински вид кој создава огнови, ја готви својата храна, се облекува себеси и користи многубројни други технологии.
https://mk.m.wikipedia.org/wiki/%D0%A7%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D0%BA